„Вучиќ, извини што постоиме“ – се огласија младите Срби од Кариби

Еден од младичите што од плажа на Карибите му испратија фото порака на српскиот премиер „Вучиќ извини“ бидејќи не ги „трошеле“ парите за одмор во Србија,  преку својот Фејсбук профил му објасни на премиерот која била целта на пораката. Ваквото појаснување дојде откако лично Вучиќ им одговори дека е добро што не лелекаат и што можат да си дозволат да одат на Кариби.

Вучиќ, извини, ние заминавме на Кариби! – шега на која одговори српскиот премиер

Во пораката младиот Србин појаснува дека момците од сликата не се мамини и татини синови, а иако  фотографијата била објавена како шега, целта била да се сврти вниманието на јавноста кон младите луѓе кои си заминуваат од Србија бидејќи не можат да дојдат на ред за вработување поради тоа што немаат „врски“ и партиска книшка, јавува „Блиц“.

„Можеби би било подобро ако напишевме „Вучиќ, извини што постоиме“, додава младиот Владимир Радовиновиќ посочувајќи дека околу 70 отсто од неговите пријатели си заминале од Србија, најголем дел од нив со факултетско образование.

Тој ги повика политичарите наместо да се препукуваат меѓу себе, да направат проекти за да ги задржат младите во земјата. На Вучиќ пак му порача дека сепак своите пари ќе ги троши во Србија, но и дека не се развива туризам со инстант проекти и кревање тензии околу даночните олеснувања за летување во Србија.

„И еве, јавно ве повикувам да одиграме баскет еден на еден, бидејќи спортот е единственото оружје по кое нас не препознаваат во светот, и тоа да го направиме некаде во срцето на Шумадија или на југот од Србија така што ќе може и лично да ги запозне некои од тие „МОМЦИ“. Му благодарам на господинот премиер што ги следи случувањата на социјалните мрежи бидејќи на крајот на краиштата и тука се покажува мислењето на народот. Ја сакам и поздравувам мојата фамилија и пријатели, и се гледаме за десетина дена. ДА ЖИВЕЕ СРБИЈА“, заклучува младиот Србин.