Второто полугодие во училиштата може да се одложи зависно од морбилите, вели Министерот Адеми

Министерството за образование и наука ja следи ситуацијата со епидемијата од морбили, во координација е со министерствата за здравство и за труд и социјална политика и врз основа на состојбата на терен ќе одлучи за евентуално одложување на второто полугодие од учебната 2018/2019 година, што треба да почне на 21 јануари, посочи министерот за образование Арбер Адеми.

„Според тоа што ќе го имаме на терен, ќе преземеме мерки во пресрет на второто полугодие. Ќе биде преземено тоа што е неопходно од наша страна како надлежна институција“, изјави Адеми.

Тој додава и дека во координација со другите две министерства се размислува за законско решение со кое ќе се поттикнат сите родители да ги вакцинираат децата.

„Треба да водиме грижа и за следење на  воспитно-образовниот процес во основно и за вакцинацијата на нашите деца. И во постојниот Закон за основно образование е предвидено дека при упис на децата во основно, нивните родителите треба да докажат дека биле вакцинирани“, вели Адеми.

Министерот инфомираше и дека нацрт-верзијата од новиот Закон за основно образование е во финална фаза и наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР.