Второ издание од „Еволуција на еден сон“

Денеска, во изложбениот простор и во дворното место на Кинотека на Република Македонија (спроти гимназијата Никола Карев) ќе се случи второто издание од „Еволуција на еден сон“, кога ќе се зачне изградба на еден нов музички мост помеѓу Португалија, Македонија, Бразил и лусофонијата на Африка кој ќе биде претставен со концерт создаден како експеримент од музичкиот амалгам: македонскиот, португалскиот, бразилскиот и кабовердијанскиот звук.

„Пред две години ја испразнивме куќата на Рузвелтова 44-А што стоеше во еден од последните дебармаалски дворови и ја наполнивме со уметност пред конечно да биде срушена. Приказната за „Еволуција на еден сон“ беше целосно обработена од македонски уметници кои со своите дела ја вратија магијата на едно некогашно живеење“, потсетуваат организаторите на настанот.

Како продолжение на музичкото остварување од првото издание на „Еволуција на еден сон“, овојпат се најавува спој од македонските музичари Мухамед Ибрахими (гитара), Кирил Туфекчиевски (контра бас) и Александар Петров (тапани и перкусија), португалецот Диого Пикао (саксофон сопран) кој го носи мелосот на бразилскиот и кабовердијанскиот ритам и шпанецот Олмо Марин (гитара) кој воедно е виртуоз за бразилскиот ритам и звук. По нивниот концерт ќе следува забавата со Ди Џеј Џони (Johnny Cooltrain) од Ангола/Португал кој ќе има сесија со африканска музика.

Во рамки на настанот е најавена изложба од делата на: Јана Куновска, Владимир Кнежевич-Путец, Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш, Ненад Тонкин, Ване Костуранов, Милан Андов, Атанас Ботев, Доротеј Нешковски, Јана Јакимовска, Маја Џеповска, Матеј Богдановски, Иван Ивановски, Јана Манева Чупоска и перформансот на нашиот Мирослав Стојановиќ-Шуки во изведба на Сара Климовска и Мирослав Стојановиќ-Шуки.

Почетокот на второто издание од „Еволуција на еден сон“ е во 18 часот.