Второ издание на KindHack – организации и програмери ќе изработуваат ИТ решенија за социјални прашања

Добротворниот хакатон KindHack своето второ издание ќе го има на 23 и 24 ноевмри во просториите на Symphony Solutions во Скопје.

Нневладини организации и институции од Скопје и пошироко може да аплицираат со свои проекти за кои им е потребно ИТ решение.

„Хакатонот е исто така одлична можност за сите заинтересирани дизајнери, програмери и софтвер тестери да се соберат на едно место и да создадат креативни софтверски решенија, со цел олеснување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат невладините организации. Сите учесници се поделени во тимови од 4 до 6 луѓе и имаат 48 часа да го решат дадениот предизвик“, велат од Symphony Solutions.

Можност за аплицирање има секоја невладина организација која се занимава со решавање на социјални прашања (екологија, образование, рурален развој и сл.)

„Секоја невладина организација треба да има визија за софтверот кој сака да го развие. Организацијата која ќе биде избрана да учествува, ќе мора да достави детален проект- план, пред почеток на хакатонот. Избраната невладина организација треба да има претставник кој ќе биде присутен за време на хакатонот. Невладината организација треба да прати краток опис за својата организација и посакуваното софтверско решение на следниот линк“, информираат од Symphony Solutions.

Рокот за аплицирање е до 22 октомври.

Повикот за дизајнери, програмери и софтвер тестери ќе биде дополнително објавен.