Второ Гран При на групата за перформанс „Kunstwerkstatt“

Претставата “Немам каде да се вратам” во изведба на групата за перформанс „Kunstwerkstatt“ ја освои наградата Гран При „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 56-тото издание на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани (ДАФ).

Претставата „Немам каде да се вратам“ е претстава за талкањето на сириските бегалци, да се талка значи да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде. Се отсликува со квалитетна колективна игра со комплицирана естетика во изразување на сериозна светска проблематика, низ која се проткајува будење на општествена одговорност и емпатија.

Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од коешто бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји. Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко ЈовановскиИвона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Ангелова, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска.

Режисер на претставата е Дени Стојанов, а драматург е Милош Андоновски.

Групата за перформанс, „Kunstwerkstatt“ работи во склоп на програмата за Младински активизам на Младински образовен форум (МОФ), а оваа година го прославија својот 5ти роденден. Ова е нивно второ Гран при „Васил Ќотошев“ освоено на ДАФ, по она кое групата го доби во 2017 година со претставата „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е спремен за неа“ во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов.

Оваа година ДАФ се одржа од 27-ми мај до 2-ри јуни.