Во сабота (24 јули) во дворот на Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи размена на книги и облека. Неа ја организира платформата „Второ Азно“, со почеток во 16 часот.
„Текстилната индустрија користи околку 79493647464000 литри вода годишно (број кој, ако можеш, изговори го). Освен тоа, таа е повеќекратен загадувач: користи 20 000 хемикалии за производство и боење на текстилот, од кои повеќето се карциногени, а се отпуштаат во водите. Со согорување јаглен со цел добивање енергија за производство на текстил, фабриките испуштаат околу три милијарди тони саѓи, кои предизвикуваат загадување на воздухот, респираторни проблеми и срцеви болести. Повеќето текстилни фабрики се наоѓаат во т.н. земји од трет свет, каде што дополнително се загрозува животниот стандард, животната средина и се врши континуирана експлоатација на ефтина работна сила“, се наведува во најавата.
Секој учесник може да подигне максимум онолку книги колку што донел. За секоја донесена книга ќе добие купон за размена. Во однос на облеката, пак, организаторите порачуваат:
„Разменете ги фармерките што сте ги облекле вкупно три пати и седат осамено во плакарот; најдете го фустанот што го баравте за летото; старо-нов паричник; торбата што ви се допаѓа зашто пластичните кеси не се кул. Нема ограничување во однос на земање/оставање – единствен услов е облеката да биде испрана и во уредна состојба“, стои во најавата за настанот.
Препорачливо е да се остави донација за поддршка на независниот простор кој овозможува да се организира ваков настан.