Вториот сингл на „Рамштајн“ дебитираше на берлински ѕид

По враќањето со контроверзното видео за „Deutchland“, германскиот состав „Рамштајн“ претстави уште еден сингл од новиот албум – песната „Radio“, чие видео премиерно беше проектирано на берлински ѕид од зграда, објави Дојче Веле.

Премиерата беше проследена од неколку стотици фанови од различни генерации, кои се собраа во центарот на Берлин, во исчекување да ја проследат новата креација на култниот состав.

Според Дојче Веле, иако добиле инструкции со себе да понесат радио, бидејќи песната дебитираше на локални радио станици, немало забележано луѓе што држат таков уред.

Видеото беше проектирано на една страна од зградата, па кога почна одбројувањето, насобраната група почна да вика, а од звучниците ечеше музиката од „Radio“. Располошението во толпата беше опуштено, додека многу од фановите пиеја пиво и го фоткаа видеото, објави медиумот.

Инаку, по издавањето на албумот на 17 мај, „Рамштајн“ ќе тргнат на европска турнеја низ 24 градови.

Во продолжение, погледнете го видео записот за „Radio“: