Втора средба меѓу Ректоратот, МОН и пленумци

Денеска, со почеток од 14 часот во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи втората средба меѓу претставници на Министерството за образование и наука, Професорскиот и Студентскиот пленум како и претставници од универзитетскиот сенат на чело со ректорот Велимир Стојковски.

Ова е втора ваква средба од почетокот на студенткста окупацијата на универзитетите, поради измените во Законот за високо образование и воведувањето државен испит за студентите. Како што појаснуваат од Студентскиот пленум за Радио МОФ, нивните очекувања од оваа средба е да се постават црвените линии на попушање, односно за разлика од првата средба кога студентите и професорите го претставиле својот став, тие очекуваат декa сега владините претставници ќе го изнесат својот предлог за идните чекори пред присутните.

На првата ваква средба која траеше пет часа беше договорено дека дијалогот треба да продолжи.  При самиот крај на средбата, на новинарите им беа поделени само куси соопштенија преку кои ректорот информираше дека ќе се формира работна група со претставници од сите засегнати страни вклучувајќи ги и пленумите, која „во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот на изработка на законски текст за високото образование“. Еден ден подоцна се огласи и Студентскиот пленум од каде порачаа дека окупацијата на факултетите нема да биде прекината се додека студентите не добијат цврсти гаранции дека ќе биде донесен нов закон за Високо образование со нивна вклученост во процесот.

Денешната средба, според најавите ќе биде истиот состав како и претходната, а претставници на Студентскиот пленум се Стефан Видиков и Ивана Туфегџиќ,  како и професорките Гордана Силјановска и Сузана Ќофкаровска од Професорскиот пленум.

Нa средбата се очекува присуството на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми,  заменик-министерот Спиро Ристовски и вицепремиерот Зоран Ставрески.