Втора сезона на Скопски моден фестивал од 10 до 20 ноември

Под слоганот „Can you feel the light?“, денес (10 ноември) официјално започнува втората сезона на Скопски моден фестивал кој ќе се одржува до 20 ноември во трговскиот центар Скопје сити мол.

Годинешната модна програма предвидува три вечери со ревии каде ќе претстават 12 дизајнери, а ден подоцна е предвидено и отворање на изложбен салон каде ќе бидат изложени дизајните од ревиите.

По минатогодишното издание, кога беа застапени колекции од повеќе странски дизајнери, овој пат фокусот е кон домашната сцена што ќе ги навести младите, но и ќе ги претстави најновите колекции на етаблираните дизајнери.

На десетдневниот моден фестивал со свои колекции ќе се претстават Маја Кикириткова, Етник Шала, студентите од Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија – „Скала” [поранешно „Џолев и уметностите”], Мелани Дигит, Сара Реџиќ, ателјето Kraljevski, Роберт Ивановски, HERLINE, Стефанија Насеска, La maison Cece T. и модната куќа Elena Luka.