Втора самостојна изложба на основачот на Плакарт и Скопје постер фестивал

Во понеделник (17 ноември) со почеток од 20:00 часот во просториите на Младинскиот културен центар ќе биде отворена втората самостојна изложба на првиот „скопјепостеровец“ Лазе Трипков. На изложбата ќе бидат претставени плакати создадени во периодот од 2004 до 2014 година.

Изложбата е најава за 7-то издание на Скопје постер фестивалот 2014. Оваа поставка на плакати ќе ја раскажува својата оригинална приказна се до 30.11.2014.

Трипков е иницијатор и куратор на над 30 меѓународни проекти, вклучувајќи ги сите досегашни 6 изданија на Скопскиот постер фестивал, 20-тина изложби на Плакарт надвор од нашата земја (Њујорк, Прага, Варшава, Белград, Истанбул, Париз, Лисабон…), ко-основач на Скопската недела на дизајн. Членува во одборот на најстарото и најквалитетното биенале за плакат-Варшавското, чест гостин е на меѓународни проекти од профилот на графичкиот дизајн.

„Графичките дизајнери, независно од какво етничко потекло се и независно од средината во која творат, се тие кои ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Oд есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи. Способноста да се создаде убедлива или информациска перспектива на некоја идеја е многу важно. Но, најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот!“,пишува Трипков во каталогот за неговата изложба.