Втора награда за Шопов на фестивал за анимиран филм во Франција

Втора награда за Шопов на фестивал за анимиран филм во ФранцијаМакедонскиот автор на цртани филмови, Александар Џони – Шопов кој живее во Париз, ја доби втората награда на конкурсот на Dailymotion за краток анимиран филм на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Анеси, Франција.

„По пет години работа во повеќе продуцентски куќи, првпат се пријавив на конкурс со самостоен проект и добив награда. Темата на конкурсот, „Нозете во вода, главата во слики“ ме инспирираше да направам комична критика на светот во кој живееме и во кој доминира сликата. Приказната на Pictureless е следнава: еден ден, во малиот град Анси се појавува „мрачниот демон на мракот“ и им го краде на граѓаните она што им е најдрагоцено, не семејството и пријателите, туку сликите. Одеднаш граѓаните не можат веќе да играат видео игри или да гледаат телевизија, па мораат да се занимаваат со други активности-музика, спорт, сликарство…“, вели Шопов во изјава за МИА.

Трите први награди ги додели жири составено од американскиот режисер Бил Плимптон, генералниот директор на Cartoon Network Studios (Калифорнија) Брајан А. Милер и главниот уредник на културната редакција на TV 20 Minutes, Стефан Леблан.

Филмот може да се погледне на следниот линк.