Втора награда за новинар од Радио МОФ за конкурсот „Визија за европско Скопје“

Есејот „Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град“ на новинарот Бојан Шашевски од Радио МОФ ја освои втората награда на конкурсот „Визија за европско Скопје“ на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје. 

„Ова е свежа критички интонирана визија, конструктивна листа на предлози за подобрување на градот кој, на тој начин, треба и европски да се сака“, рече претседателот на жирито Томислав Османли за второнаградениот есеј.

Од 20-ина пристигнати есеи, жирито во состав Османли и Елизабета Кузамановска и Никола Глигоров (членови) одлучија првата награда да и биде доделена на Кристина Шумадиева од Кафепауза.мк за текстот „Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав!“. Третата награда е за Тања Сарандеска од Утринска програма на МРТ за „Ноември во мојот град“.

Финалисти беа уште два есеја чии автори добија признанија – „Мојот визионер“ на Анита Никушева-Јованчев и „Со локални ресурси до европско Скопје“ на Сунчица Николоска.

Според жирито, текстовите што учествувале на конкурсот содржат чувства на незадоволства од реалноста во која мачно опстојува главниот град, а од друга страна љубов кон Скопје доживувано било како семеен роднокрај на нивната и на претходните генерации или, пак, како место во кое авторите сакаат да продолжат да ја живеат својата подобра иднина.

Конкурсот беше распишан во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ по повод Денот на ослободувањето на главниот град, а поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Наградите на присутните новинари ги врачи Амбсадорот на Европската Унија НЕ г. Самуел Жбогар.

Подолу е второнаградениот есеј на Бојан Шашевски.

– – – – –

Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град

Промените за европско Скопје нема да дојдат само преку советниците, претпријатијата или инспекторатите. Инфраструктурата ја креира културата. А, потоа обратно. Бидејќи, она што го гледаме во јавниот простор одразува како општеството гледа и ги третира корисниците на инфраструктурата.

Какви луѓе – таква инфраструктура.

Ако во заднина има општество кое негува идеја за одржлив град, тогаш е полесно да се образуваат младите да создадат европски град. Ако општеството ја самонегира идејата, тогаш образованието би било многу тешко, бидејќи би оделo против општествените цели.

Визијата за Скопје е адаптација и проширување на постојните просторни капацитети, со примена на европски идеи, без буквално копирање. Тоа е невозможно.

Скопје нема да го гледа филмот „Трамвајот наречен желба“, па мора да ги ажурира транспортните текови. Интермодално поврзување железница, автобус и велосипед, со издвоени патишта на автоцентричните коловози, што сега ги маргинализираат велосипедистите и пешаците, поттикнуваат сообраќајки и пари во здравството, а градот опстојува како монопол за коли.

Идниот град ќе има повеќе подземни сообраќајници, со развиен систем за споделување превоз. Истражувања покажаа дека на 10 или 11 возила, само едно е полно со патници, останатите се празни – само со возач.

Развиен систем и за изнајмување велосипеди и е-тротинети, но со одржлив механизам. По примерот на Љубљана, каде властите имаат договор со фирма, без претпријатие да се „дави“ во долгови од сервисирање или лошо менаџирање.

Градот нуди идилично ноќно возење, по осветлени патеки што генерираат помалку стрес – до диско или чаршија. До Водно или автобуска станица. Или шетање по пешачка зона на „Димитрие Чуповски“, каде по една лента возат само автобуси и доставувачи на роба. Попатно се пие ретко квалитетна вода од чешмички на секои 200 метри, со соодветни вентили.

Скопје уредно ги мапира урбаните топлотни острови.

Скопските акредитирани сервисери не толерираат коли без стандардизација. Извештаи доставуваат до властите, а тие до медиумите. Извештаи на месечно ниво ќе доставува и МВР, по прегледи на камери. Надлежните потоа наградуваат, а не казнуваат.

Домаќинствата добиваат субвенции за приклучок на гас. Скопје годишно е над 280 денови под сонце, па корисници на разни сончеви уреди ќе бидат дополнително помогнати.

Скопје ќе стане европски град без популистички методи со печки за пелети, или кон селектирана група пензионери, колку да се конвертираат во гласачи.

Социјално ги вклучува неформалните собирачи на отпад во официјалниот систем за отпад, како најефикасни селектори.

Скопје нема пари за рушење на објекти од „Скопје 2014“. Затоа ги адаптира со околината и претвора во јавно достапни згради за зелени иницијативи, социјално- културни организации или за студентски перформанси.

Скопје ја враќа фунцијата Градски архитект. Заедно со Министерство за урбанизам, градежни инспектори и архитектонски здруженија намалуваат градежни апетити. Наместо „закони желботеки“, ги штитат урбанистичките вредности и новиот ГУП и ДУП-овите, правени по десетици средби со локалци.

Скопје нема да биде назначен за „европски град“, Скопје треба самиот да сака да биде европски град. Истовремено, Скопје се врти кон потребите за квалитетен живот на луѓето од општините, од маалата.

Таму се раѓа заедницата и настануваат прогресивни проекти.