Втор уписен рок на факултетите – каде се пополнија, а каде останаа слободни места на УКИМ?

Денеска и утре е вториот уписен рок на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Останати се скоро 5.700 слободни места на вкупно 21 факултет при УКИМ, што значи дека во првиот уписен рок се пополниле само нешто над половина од предвидените 10.710 места за студенти на УКИМ.

Најмногу слободни места се останати на Природно – математичкиот факултет (964), по што следуваат Филолошкиот факултет (798), Правниот факултет (728), Филозофскиот факултет (461), Факултетот за електротехника и информациски технологии (444) и Факултетот за земјоделски науки и храна (426).

Најголем интерес идните студенти покажале за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, каде уште во првиот уписен рок се пополнети сите 1080 слободни места. Голем интерес матурантите покажале и за Медицинскиот факултет, каде се останати само 48 слободни места, за Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, како и за Економскиот факултет каде се исполнети повеќе од две третини од слободните места.

Најслаб интерес во првиот уписен рок имало на Шумарскиот факултет, каде се пополнети само 9 од вкупно 120-те понудени места, како и на Факултетот за земјоделски науки и храна, каде се запишале 64 студенти на вкупно понудените 490 слободни места.

Релативно слаб интерес е покажан и за Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде од првично предвидените 1055 слободни места останати се дури 728. Идните студенти слабо се пријавувале на факултетите по новинарство и политички студии, каде се запишале 32 бруцоши (12 на новинарство и 20 на политички студии) од понудените вкупно 210 места на овие два факултети.

Конкурсот за вториот уписен рок на УКИМ, може да го најдете на следниов ЛИНК.