Втор Саем на креативни индустрии во Битола

Денеска (15 декември) во Офицерски дом Битола по втор пат ќе се одржи Саем на креативни индустрии, под покровителство на Министерството за култура, Општина Битола и КИЦ Битола.

Организаторите најавуваат дека на саемот ќе се претстават 15-тина изложувачи кои се дел од креативниот сектор од Битола и пошироко.

„Ќе бидат промовирани многубројни производи и услуги од областа на креативните индустрии, вклучително различни модни брендови, рачно изработен накит, новчаници, свеќи, робот, ќе има лего едукација за деца, ќе се презентираат маркетинг решенија и друго“, стои во најавата за саемот.

Настанот годинава е со фокус на одржливоста, а работното време е од 11 до 18 часот.

Станува збор за вториот дел од Саемот на креативни индустрии во организација на здружението Балкан синема ситис. Првиот дел од Саемот за креативни индустрии беше одржан на 28 и 29 ноември во Скопје на кој имаше повеќе од 40 изложувачи.