Втор државен карантин, СМС известувања до властите – како соседните држави се справуваат со вториот бран?

Додека во нашата држава рекордите на новозаболени од коронавирусот се надминуваат речиси секојдневно, а меѓу последните мерки кои беа воведени беше затворањето на кафулињата во 21 часот, соседните држави се справуваат со вториот бран на пандемијата на различни начини.

Грчкиот премиер Кирјакис Мицотакис денес соопшти дека државата влегува во вториот карантин кој ќе трае три недели, со цел да се стопира агресивниот раст на новозаболени, пренесува „Екатимерини“. Карантинот ќе стапи на сила во сабота наутро, односно 7 ноември.

Во вториот карантин, сите помали продавници ќе бидат затворени, а забрането ќе биде меѓуградското патување. Властите ќе воведат систем според кој граѓаните со СМС пораки до Владата, ќе ги најавуваат своите излегувања од домот за да отидат да работа, пазарување, лекарски преглед или вежбање.

Затворени ќе бидат средните школи, а градинките и основните училишта ќе бидат отворени. Со такси превоз ќе може да патува еден патник, а исклучоци ќе се прават за семејства, парови и луѓе на кои им е потребна асистенција.

Денес во Бугарија се донесени нови предлог мерки кои најмногу ги засегаат учениците, работниците и пензионерите. Предложена е онлајн настава за повозрасните, додека за помалите се предвидува стопирање на активностите вон наставата. Се препорачува онлајн настава и за студентите, освен оние од медицинскиот смер.

Се препорачува работа од дома за работните места кои го дозволуваат тоа, а максимум 50 отсто од вработените треба да доаѓаат во канцелариите. Во Бугарија се предвидува и зелен термин во кој пензионерите ќе може да пазаруваат.

Во оваа соседна држава остануваат отворени продавниците, рестораните, аптеките и маркетите. Сите луѓе мораат да носат маски и марами во внатрешни простории вклучувајќи болници, административни институции, трговски центри, како и во јавниот превоз. Носење на маски е задолжително и на отворени места каде е невозможно одржување на физичко растојание. Забранети се собири на над 30 лица и на отворено и на затворено, додека забранети се семејните прослави.

На 01 ноември, властите во Косово преку онлајн средба воведоа нови построги мерки за справување со коронавирусот.

За лицата над 65 години дозволени се два термини за напуштање на домот и тоа од 06 часот изутрина до 10 часот наутро и вториот термин од 16 часот напладне до 19 часот навечер.

Бизнисите кои нудат гастрономски сервиси, односно баровите, рестораните и кафулињата имаат намалено работно време. Тие не работат во периодот од 12 часот навечер до 05 часот изутрината, освен за достава. Ова работно време важи и за трговските центри.

Сите универзитети се затворени и наставата се одвива онлајн. Отворени се студентските домови и кафетериите во нивните рамки. Испитите и практичната настава ќе продолжи да се одвива со физичко присуство.

Остануваат забранети групирањата над пет лица во парковите, плоштадите и сличните јавни простори, а забранети се и семејните прослави.

И во Србија се забранети собири со над 30 лица и на отворено и во затворени простории. Не е дозволено да има повеќе од човек на 4 метри квадратни. Задолжително е носење на маски во затворени јавни институции, како и при чекање на ред за купување и на постојките за јавен превоз. Сепак, носењето на маски се препорачува и на отворено.

Забранети се посетите во болниците, додека во старечките домови тие се ограничени на 15 минути. Кафулињата, дискотеките и рестораните се отворени до 23 часот. Српските училишта и универзитети се отворени.

Од 15 октомври, во Албанија е задолжително носењето на маски и на затворено и на отворено за сите лица над 11 години. Неносењето маска е казниво со парична сума од 3,000 леки.

Денес, премиерот Рама соопшти дека ќе биде сторено се за да се одбегне вториот државен карантин.

Универзитетите своите предавања ги држат онлајн, а студентите протестират против ваквата одлука. Градинките и основните училишта се отворени.

Во Тирана е отворена трета болница. Сите културни настани и јавни собири се одложени на неодредено време. Спортските натпревари се одржуваат, но без публика.

И.С.