Втор ден од конференцијата „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“

Водечки домашни и странски експерти и активисти денеска ќе говорат на вториот ден од конференцијата „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“ која ги истражува медиумите од младинска перспектива.

Втор ден од конференцијата „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“

Во Младинскиот културен центар продолжуваат работилниците, панелите и проекциите на филмови. Еркан Сака од Турција говори за протестите во паркот Гези во оваа земја, Дарко Бркан говореше за дигиталниот активизам додека се случуваат босанските протести, своите искуства во медиумите ќе ги сподели и Павел Чејка од реномираниот VICE магазин, Ристе Змејкоски од Балканската истражувачка репортерска мрежа (BIRN), а ќе се говори и за новите идеи и иновативни проекти за активна партиципација во општеството, преку искуствата на Солун кој беше прогласен за Европски младински град.

Втор ден од конференцијата „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“

Вечерва во киното Фросина продолжува и филмскиот репертоар на конференцијата, со проекција на „Љубовно писмо до алтернативната култура“ со почеток во 18:00 часот и филмот во продукција на Балканската истражувачка репортерска мрежа (BIRN) –  The Majority Starts Here со почеток во 20:00 часот.

„Љубовно писмо до алтернативната култура“ е приказна за Канал 103 – уникатно и култно радио од Скопје, Македонија. Виден низ очите на нараторот, кој е дел од радиската приказна повеќе од две децении, филмот се занимава со неверојатните настани кои доведоа до настанокот на Канал 103, а особено со генезата на неговата трансформација во независен и напреден медиум, медиум што оттогаш стои цврсто наспроти естаблишментот и корумпираната медиумска реалност во Македонија.

Во филмот The Majority Starts Here, шест млади луѓе од поранешна Југославија, патуваат низ регионот и истражуваат како судирите од минатото, кои во тоа време биле премногу млади за целосно да ги разберат, влијаат врз нивната сегашност и иднина.

Втор ден од конференцијата „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“

Конференцијата која започна вчера ќе заврши на техно подиумот во Борис Трајковски. Организаторите, Радио МОФ, Метаморфозис и Prime Info ги најавуваат LIVE настапот на берлинскиот техно артист Александер Ковалски и DJ настапот на загребскиот продуцент Петар Дундов, кои во Македонија се претставуваат за прв пат. Забавата започнува во 23:00 часот во малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски.

Освен Ковалски и Дундов, ќе ги чуеме и Speedy од Белград, како и домашните ДЏ-и, Горан Кан и Виктор Апостолски.

Е-Општество: Млади и медиуми е дводневна конференција во организација на фондацијата Метаморфозис и Младинскиот образовен форум (МОФ) која ги истражува медиумите од младинска перспектива, медиумите под водство на млади, медиумската писменост, квалитетот на информации, активизмот на дигиталните медиуми, музиката и движењата.

Конференцијата е отворен, креативен и интерактивен простор што нуди информации и овозможува дискусија, разни активности и вмрежување. е-Општество: Млади и медиуми ги предизвикува традиционалните гледишта на младите и медиумите и има цел да понуди знаење и инспирација за сите учесници.

На конференцијата беа претставени и резултатите од неколкумесечното истражување за младите и медиумите во 11 земји од Југоисточна Европа.