По речиси едногодишно патување и изминати 700 милиони километри американското вселенско летало МАВЕН (MAVEN – Mars Atmosphere and Volatiles Evolution) ја достигна целта и како што беше планирано влезе во орбитата на Марс, соопшти НАСА.
МАВЕН откако влезе во орбитата на Марс ја почна суштинската работа во рамки на мисијата, која чини 671 милион долари.
Лицата задолжени за летот во следните шест месеци ќе ја регулираат височината, на која ќе работи леталото и ќе ја проверуваат научната апаратура. МАВЕН потоа ќе почне со земање примероци од горните слоеви на атмосферата на Марс. Леталото ќе работи од орбитата и нема да слетува на Марс.
МАВЕН беше лансирана на 18 ноември минатата година. Ова е првата мисија, која ќе ја истражи атмосферата на Марс и начинот на кој таа се променила во историјата на планетата. Со помош на девет уреди научниците ќе се обидат да се дознаат на каков начин и зошто атмосферата од густа и влажна се претворила во толку ретка и сува. Научниците претпоставуваат дека веројатна причина за тоа е сончевиот ветер.
Друга важна задача на МАВЕН е да ја одржи врската со двата ровери на Марс, кои ја продолжуваат мисијата, пренесе МИА.