Врвниот француски монтажер Жак Вита е прв лауреат на „Синематик“

Врвниот француски монтажер Жак Вита во Париз ја прими наградата за животно дело, што Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија и програмата „Синематик“ му ја доделија. Наградата му ја врачи Јордан Плевнеш, поранешен амбасадор на нашата земја во Франција и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности.

Легендата на монтажата на европскиот филм, Вита, кој е во својата 83-година беше пресреќен од признанието, соопштуваат организаторите на фестивалот.

Жак Вита е француски монтажер, кој почнал да работи на монтажа на игран филм во доцните 50-ти години на минатиот век. Монтирал повеќе од 60 играни филмови и работел со значајни француски филмски режисери, како Клор Бери и Џин Бекер, но е најмногу познат по соработката со Кшиштоф Кишловски, која започна со „Двојниот живот на Вероника“ и продолжи со „Три бои: Сино“ и „Три бои: Црвено“.

Вита освоил награди за монтажа на француските филмски награди „Цезар“ во две наврати: во 1984 година за „Убиствено лето“ и во 1994 година, за „Три бои: Сино“. Инаку, Вита се потпиша на монтажата на филмот „Јас сум од Титов Велес“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, продуциран во 2007 година.

Тричлено жири го избра и најдобриот филм од аспект на монтажа во рамки на програмата „Синематик“, која во изминативе два дена опфати неколку проекции на европски филмови во соработка со платформата „Ај он филмс“. Наградата што ја доделува Здружението на филмски продуценти на Македонија отиде за холандскиот филм „Чисти раце“ во режија на Тјебо Пенинг, на кој како монтажер се потпишува Белгиецот Филип Равое.

Програмата „Синематик“, дел од 7.издание на „Мобил фестивал“, беше отворена во средата во Џебното кино на Младинскиот културен центар, а гостин на вечерта беше францускиот режисер Тиери Себан, чиј филм „Псевдоним“ беше прикажан.

Програмата „Синематик“ ќе биде заокружена со работилница што ќе ја одржи македонскиот монтажер Атанас Георгиев, во понеделник во 10:30 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Темата ќе биде „Онлајн-промоција на филмски трејлери“.