Врвната пијанистка Тамара Стефановиќ ќе настапува со Македонската филхармонија

На симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 27 октомври во Домот на АРМ во 20 часот, насловен „Рапсодија“, ќе настапи врвната пијанистка од Србија со завидна светска кариера, Тамара Стефановиќ.

Поради болест, претходно најавениот пијанист – солист на концертот Лукаш Вондрачек, го откажа своето гостување во Скопје.

Пијанистката Тамара Стефановиќ која настапува во сите прстижни концертни сали во светот, соработувајќи со врвни диригенти како Еса-Пека Салонен и Владимир Ашкенази, ќе го изведе атрактивниот Концерт за пијано бр. 21 од Волфганг Амадеус Моцарт.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под диригентската палка на импресивниот маестро Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се и атрактивната Увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Михаил Глинка, како и Првата симфонија од Дмитри Шостакович, дело кое ќе го направи популарен рускиот музички композитор и надвор од неговата земја.

Српската пијанистка Тамара Стефановиќ (1973, Белград) се смета за една од најдобрите уметници во својата земја со завидна светска кариера. Нејзиниот богат репертоар го исполува во сите престижни концертни сали во Европа и во светот, вклучувајќи ги и „Карнеги хол“ во Њујорк, „Сантори хол“ во Токио, Берлинската филхармонија, „Ројал фестивал хол“ во Лондон, „Ројал алберт хол“, „Барбикан центар“ и „Вигмор хол“.

Постојано настапува на светските фестивали за класична музика, како солист, но и како камерен музичар со врвни оркестри, вклучувајќи ги и Лондонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Камерниот оркестар „Сент Пол“ и други.