Врвен светски готвач ќе ги реформира американските училишни оброци

Американецот Даниел Гиусти, кој работи во Нома, еден од најдобрите ресторани во светот, ќе ја напушти познатата кулинарска дестинација од Копенхаген се враќа во Вашингтон, за да го лансира неговиот следен проект.

Гиусти има план за радикален пресврт во училишната храна, пишува Вашингтон пост. Готвачот кој ја хранел светската елита со сметки од дури 800 долари за две вечери, сега се надева дека ќе ги нахрани децата за само седум центи од ручек.

Ова е амбициозен проект за готвачот кој потенцира дека е благодарен на својот шеф, Рене Реџепи, бидејќи го предизвикал да размислува за големи идеи. Рене Реџепи за потсетување потекнува од Македонија и е сопственик на Нома, ресторан кој неколку години по ред е прогласуван за најдобар во светот.

Иако Гиусти под чија палка Нома беше прогласуван за најдобар ресторан би можел да добие големи понуди од повеќе инвеститори за отварање свој ресторан по враќањето во Америка, сепак тој не е заинтересиран за такво нешто. Тој сака да обезбеди добра и квалитетна храна за масите и тие да можат да си ја овозможат.
Тој веќе ги истражува луѓето и организациите кои се посветени на подобрување на училишната храна во Америка. Сепак, иако ја почитува работата на оние кои се обиделе да го подобрат системот, вели дека тој сака да примени друг пристап.

Неговата компанија, Бригеид, ќе изгради целосно нови кујни или ќе ги подобри сегашните во училиштата и ќе ангажира професионални готвачи кои ќе работат со полно работно време. За разлика од другите слични програми, како онаа на Мишел Обама, екипата на Гиусти би работела секој ден на сите проблеми, а не еднаш неделно или еднаш месечно.

„Еден од најголемите проблеми е што нема кујни во училиштата и целата храна се подготвува на друго место“, вели Гиусти.

Ваквиот модел се разбира ќе подразбира сериозна капитална инвестиција. Ниту кујнската опрема ниту пак искусните готвачи се евтини, но според Гиусти постојат инвеститори кои веќе се заинтересирани за Бригејд. Тој се надева дека ќе започне пилот програма во главниот град до есента 2016 во некое од јавните училишта.

Извор: Вашингтон пост