Врховниот суд вели дека измените на Кривичниот законик се донеле нетранспарентно и без стручна дебата

Донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди, велат денеска од Врховниот суд во врска со контроверзните измени на Кривичниот законик со кои се ублажија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување и се отвори простор за застарување на бројни случаи на висока корупција во Македонија.

Од највисокиот суд во државава велат дека не биле консултирани за измените од Министерството за правда.

„Во Врховниот суд од страна на Министерството за правда не беа доставени на мислење предметните измени на Кривичниот законик. Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени кои претставуваат прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби и во минатото немал забелешки за висината на казните за предметните кривични дела, ниту предложил нивно ублажување“, стои во соопштението на Врховниот суд по денешната седница.

Измените на Кривичниот законик се донесоа минатата недела, по скратена постапка, со европско знаменце, и во несекојдневно брз процес.

Со промените се сменија делови од членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, сега ќе се казнуваат со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.

Дополнително во од Кривичниот законик се избриша ставот 5 од членот 353 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа сега има став во кој стои дека „прибавената имотна корист се одзема“.

Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се менува висината на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Наместо досегашните најмалку три години затвор, сега се пропишани од шест месеци до пет години затвор.

Ќе има и пониски казни за злосторничко здружување, па наместо досегашните казни од една до десет години затвор со промените за ова кривично дело ќе следува една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години ќе добиваат најмногу до две години затвор.