Временски кристали – нова форма на материја создадена од научниците?

Два тима научници успеаја да направат нова материја – „временски кристал“, во експеримент кој до пред некое време се сметаше за теоретски невозможен.

Чудниот материјал, до кој дојдоја научниците, за кој се мислеше дека ги крши законите на физиката, повторува кристализирана структура не само во простор, туку и во четвртата димензија – времето.

Нормалните кристали, од дијаманти до снегулки, имаат атоми распоредени во повторувачка тридимензионална решетка. Но, атомите на временските кристали – за чие постоење прв пат било сугерирано во 2012 година – повторуваат шаблон и низ четвртата димензија, времето.

Ова во суштина значи дека тие можат да осцилираат засекогаш, без никакво надворешно влијание.

Пред наводното создавање, некои научници изразуваа сомнеж дека бесконечното движење на временските кристали се спротивни на законите на физиката.

Но верувањето дека тоа е можно било делумно поради чудните начини на кои материјата се однесува на квантно ниво.

Временскиот кристал изгледа дека е затворен систем, па така нема губење на енергија во надворешниот свет. Истовремено, изгледа дека има својства слични на супер-проводниците, така што електроните можат да се движат без никаков отпор. Тоа овозможува набљудуваното движење да продолжи, барем теоретски, до бесконечност.

Практичната примена на овие сознанија се уште се далеку од замисливи, но се претпоставува дека единствените својства  можат да направат квантните компјутерски операции да станат реалност.

Прототипови на квантни компјутери постојат, но треба да бидат силно заштитени дури и од најмалите влијанија на надворешниот свет. Кристалите можат да помогнат во заштита на зачуваната информација и со тоа да се надмине една од најголемите препреки за широко користење на компјутери повеќе милиони пати побрзи од оние кои се користат денеска.

Еден од тимовите, предводен од научници од Универзитетот Мериленд, првиот временски кристал го создадоја од наелектризирани атоми на елементот итербиум. Тие користеле електрично поле да левитираат 10 од овие атоми над површината, а потоа повеќекратно ги удирале со ласерски импулси.

Атомите почнале да се превртуваат по точен шаблон самостојно, но тоа го правеле на чуден начин. Наместо да се движат со иста брзина како ласерските импулси, тие се превртувале со половична брзина.

Научниците ова го споредуваат со двојно притискање на типка од пијано, но добивање само една нота.

Наводното откритие било прв пат пријавено во октомври минатата година, но научниот свет чекаше целосните детали да ги погледне во научно списание. Тимот од Мериленд и уште еден, предводен од експерти од Универзитетот Харвард конечно објавија два посебни научни труда во магазинот „Nature“.

Во кометар на магазинот, еден од водечките експерти на ова научно поле сугерира дека е потребно дополнително истражување за без никаков сомнеж да се докаже постоењето на временските кристали.