“Гледам еден чичко со куче, еден облак и едно сонце, едно девојче како вози точак… Замрзнати моменти на секојдневието. Време и простор, и минувачите таму. Минливост, а во него ние кои го раскажуваме значењето на нашето постоење. Ги исцртуваме нашите судбини, ги обликуваме нашите карактери, култура на живот. Сè е така едноставно, таму во просторот и времето”.
На овој начин Ана Андроска ја опишува изложбата „Време и простор и минувачите таму“, која вечерва во 20 часот ќе биде свечено отворена во Јавна соба.
Ова е шеста самостојна изложба на Андроска. Се работи за нова серија на масло помешано со восок на медиа пан, малку поинаква техника која визуелно креира посебни ефекти. Големи формати на препознатливи секојдневни ситуации на скопските улици исцртани на девет медиапан табли со димензија 185 х 109см.
„Нè има тука и таму, пред да нè снема. Но, сè додека постоиме, не смееме да стоиме. Нашиот живот треба да биде вечна потрага меѓу стварноста и фантазијата, меѓу постоењето и исчезнувањето. Само авантуристите што ќе тргнат на ова патување ќе го доживеат она исклучително задоволство на изненадувањето што се крие зад аголот каде што најмалку сме го очекувале.”, вели за изложбата Жарко Кујунџиски.
Влезот е слободен за сите посетители.