Време е за природата  – Порака за меѓународниот ден на животната средина

Под мотото „Време е за природа“, денеска (5 јуни) се одбележува Светскиот ден на животната средина, востановен во 1974 година.

Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) како и многу невладини организации, заедници и влади во повеќе од 150 држави во светот годинава овој ден го одбележуваат со различни онлајн настани под мотото „Време е за природата“ (#ForNature), a домаќин на официјалната манифестација годинава е Колумбија во соработка со Германија. Во фокусот е биодиверзитетот којшто бара итна заштита и е од витално значење за опстанокот на човекот.

2020 година сите случувања почнувајќи од масовните пожари во Австралија, Бразил и САД, па се до наездата со скакулци во Источна Африка, а сега и глобалната пандемија со КОВИД-19 – ја истакнуваат поврзаноста на човекот со природата и природните циклуси се изјавите кои стигнуваат од официјалните лица на УНЕП како апел за тоа колку природата му е потребна на човекот и колку тој е зависен од нејзините ресурси.

Кон овие пораки се придружи и Македонското еколошко друштво – МЕД кое потсетува дека биодиверзитетот во делови од земјава е исклучително важен за зачувување не само од аспект на национално богатство туку и заради неговото европско и светско значење.

Мрежата на заштитени подрачја вклучува 86 подрачја, на површина од ​230,083 хектари или околу 8,9% од територијата на Република Северна Македонија. Според Стратегијата за биолошка разновидност 2018-2023 земјава треба да ја зголеми површината на заштитени подрачја до 15 % и да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници, потсетуваат од МЕД.

„Здрава планета е основа за здраво општество и треба да извлечеме поука од оваа криза. Вештините кои ги стекнавме изминатите месеци за новите начини на комуникација и спроведување на работните обврски и штедливото користење на ресурсите се надевам ќе внесат нов фокус на нашиот живот свртен кон природата. Време е да се тргнеме од линеарниот економски модел кој е неодржлив со преголемо користење на ресурси и создавање преголеми количини отпад, и преку иновативни зелени бизниси да се преориентираме кон циркуларната економија – ќе користиме помалку ресурси и енергија и со тоа ќе го заштитиме нашето природно богатство“, изјави по повод Денот на животната средина, извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.

Според експертските проценки, на годишно ниво светот губи 27.000 видови, а доколку овој тренд продолжи, во следните 30 години би загубиле 25% од живите организми, односно, една четвртина од сиот жив свет на Земјата.

На првата конференција за животна средина одржана во Стоххолм, Генералното собрание на ОН го назначува овој ден во 1972 година. Во 1974 година овој ден се обележал под мотото „Само една земја“ а од 1987 година секоја година Светскиот ден на животната средина се прославува и од една земја домаќин.