Вратите на УКИМ затворени за првиот Регионален студентски форум

Првиот регионален студентски форум организиран од Левичарското движење „Солидарност“ се одржуваше денес на платото на УКИМ. Иако според најавите од организаторот,  форумот требаше да биде одржан во просториите на Филозофскиот факултет, организаторите и учесниците наидоа на затворени врати.

„Ние не поднесовме официјално барање за користење на просторот, но овој настан не го организиравме само како „Солидарност“, туку во тесна соработка со студентските движења. Тие знаеја дека уште од Автономната зона наваму имаше неформален договор помеѓу универзитетот и студентите дека сабота ќе биде ден за алтернативна настава. Досега немало никакви проблеми со користење на просториите на факултетите во сабота, меѓутоа сега одеднаш вратите ни се затворени. Ни образложија дека ние немаме поднесено формално барање“, вели Клементина Ристовска од ЛД „Солидарност“.

И покрај неможноста да влезат во просториите на универзитетот и лошите временски услови, дел од дискусиите планирани во рамки на форумот беа одржани пред факултетот, со полициска придружба.

Идејата за организирање на форум за соработка на студентите од регионот дошла спонтано, велат организаторите.

„Форумот произлезе од самата потреба за некаква регионална соработка. Досега имаше повеќе неформални обиди за вмрежување помеѓу студентските движења од Македонија и другите земји во регионот. Една таква средба беше остварена во Љубљана, а оттаму ние само поканивме учесници и ја обезбедивме платформата за ваква средба да се случи. Ќе видиме што ќе произлезе од сево ова, меѓутоа очекуваме продуктивни дискусии и можеби некакво конкретно вмрежување, како повелба, регионална студентска мрежа или слично“, вели Ристовска.

Целта на Форумот е да ги консолидира постоечките врски меѓу студентските активисти низ регионот во мрежа, со можност за здружено делување. На него учествуваа претставници од студентските движења во Косово, Албанија, Србија и Македонија, кои сметаат дека би било корисно доколку формално соработуваат.

Студентите во Косово се соочуваат со слични проблеми како нивните колеги од Македонија, вели Еуриса Руковци од Студентскиот политички клуб на Косово. Вели дека луѓето блиски до политичарите во Косово добиваат места во студентските домови, имаат голем недостаток на литература и многу се противат на Болоњскиот систем на студирање и на неолибералните промени во нивниот образовен систем.

„Имаме проблем и со корупција, најмногу кај универзитетските професори. Во 2014 година протестиравме и го симнавме ректорот од позиција. Се испостави дека неговиот докторски труд е всушност украден од магазин во Индија. Тоа не е реткост. Имаме многу слични проблеми и со други професори. Една од нашите најголеми грижи во моментов се и приватните високообразовни институции, кои се акредитирани но не ги исполнуваат стандардите за добро високо образование. Колку повеќе пари ќе платиш, толку подобри оценки добиваш и имаш повеќе можности за напредок. Настрана од тоа, институциите не се во нивна сопственост, но речиси секогаш се во некаква поврзаност со политичарите во Косово. Тие вложуваат пари во тие факултети, а и членовите на нивните семејства се вработени таму, иако ги немаат потребните квалификации“, вели Руковци.

Таа смета дека соработка со студентите од другите земји во регионот е неопходна, бидејќи овие проблеми се регионални, а не ограничени само на Косово.

„Ние сме младата генерација. Ние сме тие што треба да ги подредат нештата. Она по што се разликуваме од нашите политичари е што ние не играме на националистичката и етничката карта. Ние не се грижиме за тоа. Ние сме сиромашни, вие сте сиромашни, сите во регионот се сиромашни. Нема да добиеме ништо од овие неолиберални и либерални политики и промени кои тие ги прават. Додека нашите политичари играат фудбал и уживаат во ресторани, ние сме сé уште во истите услови во кои секогаш сме биле“, смета таа.

Слично мислење има и Матилда Муфтиу од албанското Студентско движење. Сепак, таа смета дека не треба да се ограничат на регионална соработка, туку студентите од сите страни на светот да ги координираат своите движења со иста цел.

„Промените во образованието се проблем од светски рамки во овој момент, така што да се организираме на светско ниво е многу важно. Не треба да дозволиме ваквите реформи да поминуваат на нашите универзитети. Ние веруваме дека образованието е право, а не привилегија“, вели Муфтиу.

Стефанија Тенекеџиева