На шест најдобри студенти во завршна година од факултетите од општествените науки, архитектура и од уметностите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска им беше врачена годинашната награда „26 Јули – Франк Манинг“.
Наградени се студентите: Весна Матеска од Економски факултет, со оценка 10,00, Иван Антоновски од Филолошкиот факултет (10,00), Марија Ќипровска од Правниот факултет (9,92), Елена Таковска од Филозофскиот факултет (9,87), Ивана Атанасова од Факултетот за драмски уметности (9,85) и Гордан Витевски од Архитектонскиот факултет (9,68).
Наградата, во паричен износ од 10.000 денари, на најдобрите студенти им ја врачи ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, а од името на сите се заблагодари студентот од Филолошкиот факултет, Иван Антоновски.
„Професиите што ги избравме за наша животна определба не ги избравме ниту случајно, ниту како резултат на некаква наша прагматичност. Ги избравме оние професии на кои сакавме и сме подготвени со љубов целоживотно да им се посветиме… Наградата „26 Јули – Франк Манинг“ не е само признание за она што сме го оствариле досега, туку многу повеќе е поттик и обврска за она што треба да го оствариме во времето што е пред нас и со целосно себевложување оценките од нашите студентски индекси да ги трансформираме во резултати со кои ќе придонесеме за развој на областите за кои професионално сме се определиле“, рече Антоновски.
Наградата се доделува од 1980 година од фондот што го основал донаторот Франк Манинг и оттогаш секоја година ја добиваат најдобрите студенти во завршна година на студии од областа на архитектурата, општествените науки и од уметностите, по избор на нивните матични факултети. Манинг, кој е почесен граѓанин на Скопје, со наградата ја изразил својата љубов и приврзаност кон главниот град по разорниот земјотрес во 1963 година.