Вработените во Гугл протестно ги напуштија работните места поради третманот на жените

Вработените во канцелариите на Гугл низ светот започнаа серија на протестни напуштања на работните места во незадоволство со тоа како компанијата ги третира жените.

Вработените бараат неколку клучни промени околу тоа како компанијата се справува со обвинувањата за сексуални вознемирувања, меѓу кои и повик да се стави крај на принудната арбитража – што би довело до можност жртвите да тужат во вакви ситуации.

Извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, изјавил дека го поддржува правото на вработените да преземат акција.

„Го разбирам бесот и незадоволството кои многумина од вас го чувствуваат. Тоа е и мое чувство и сум целосно посветен на тоа да направиме чекор напред по прашањето кое многу долго постои во нашето општество… и, да, овде во Гугл исто така“, напишал Пичаи во мејл испратен до вработените.

Бесот на вработените изминатата недела бил предизвикан кога еден од водечките луѓе на компанијата, Енди Рубин, добил 90 милиони долари исплата откако ја напуштил компанијата и покрај тоа што од Гугл соопштиле дека обвинувањата за сексуално вознемирување против него биле „кредибилни“. Рубин, кој е познат како „креатор“ на Андроид оперативниот систем за мобилни телефони, ги отфрла обвинувањата.

Претходната недела отказ дал и Ричард Девол, директор на истражувачката лабораторија „Икс“ на Гугл, за кој излегле информации дека сексуално вознемирил жена која имала интервју за работа во неговиот сектор. Девол не коментирал по отказот, додека претходно го нарекол овој инцидент „погрешна проценка“.

Најмалку 48 други вработени биле избркани поради сексуално вознемирување без да добијат оштета, Пичаи соопштил до вработените.

Вработените, кои ќе учествуваат во денешните протестни напуштања на работните места, на своите работни бироа ќе остават порака на која ќе пишува: „Не сум на своето работно место бидејќи заедно со останатите „Гуглери“ заминавме на протест поради сексуалното вознемирување, неправилности, недостаток на транспарентност и работна култура која не одговара за сите“.

Тие испратиле и шест формални барања до менаџментот на Гугл:

  1. Да се стави крај на принудната арбитража во случаи на вознемирување и дискриминација за сите сегашни и идни вработени
  2. Да се заложат за стопирање на нееднаквоста во платите и можностите
  3. Јавно да се објави извештај за сексуалните вознемирувања
  4. Јасен, униформен, глобално инклузивен процес за безбедно и анонимно пријавување на сексуалното вознемирување
  5. Да се овозможи директорот за различности да одговара директно до извршниот директор и да дава предлози директно до извршниот одбор
  6. Назначување на претставник на вработените во извршниот одбор

Принудната арбитража, која е вообичаена ставка во договорите за вработените во Силиконската долина, бара сите спорови да се решаваат интерно, наместо преку судови. Критичарите на овој принцип велат дека тој се користи не само да се заштити угледот на компанијата и обвинетите, туку и да се замолчат жртвите кои не можат да се жалат на одлуките или да покренат дополнителни постапки.

„Вработените поттикнаа конструктивни идеи за тоа како да ги поправиме нашите правила и процедури во иднина. Го прифаќаме нивниот фидбек, за да ги претвориме овие идеи во дела“, рекол Пичаи.