Вработените во Фејсбук ќе работат од дома до јули 2021 и ќе добиваат по 1.000 долари плус за трошоците

Компанијата Фејсбук ќе им овозможи на своите вработени да работат од дома до јули 2021 година поради пандемијата со коронавирусот и ќе им обезбедува 1.000 долари месечно за покривање на трошоците за работење во домашни услови, соопшти портпаролот на социјалната мрежа.

Компанијата се приклучува на неколку други големи технолошки гиганти кои претходниот период донесоа слични одлуки.

На крајот на јули и Гугл соопшти дека ќе им овозможи на вработените кои нема потреба да бидат во канцелариите да работат од дома до крајот на јуни идната година, додека Твитер одлучи на своите вработени да им понуди да работат од дома на неодредено време.

„Засновано на препораките од владините и здравствените експерти, како и одлуките донесени од нашите интерни дискусии по ова прашање, ние ќе им овозможиме на вработените доброволно да работат од дома до јули 2021 година“, изјавил портпаролот на Фејсбук, пренесува Ројтерс.

Од Фејсбук соопштиле и дека компанијата ќе продолжи да ги отвора канцелариите со ограничен капацитет онаму каде што владините препораки дозволуваат. Сепак компанијата додава дека не се очекува многу од нивните канцеларии низ САД и Латинска Америка да се отворат пред крајот на годината поради големиот број на регистрирани Ковид-19 случаи.