Вработените во „Амазон“ изнудија од компанијата да го признае првиот синдикат во САД

Тим од работници на „Амазон“ го принудија технолошкиот гигант за прв пат да признае синдикат во САД.

Работниците во складиштето во Њујорк гласаа со 55% за приклучување кон Синдикатот на трудот на Амазон.

Групата е предводена од поранешниот работник на „Амазон“, Крис Смолс, кој ја стекна својата популарност протестирајќи против безбедносните услови во малопродажниот гигант за време на пандемијата.

Победата на Смолс означува голем пораз за „Амазон“, кој жестоко се бореше против синдикатот, анализира BBC. Претходно, вакво гласање се одржа и во Алабама.

Заедно, двата избори значат пресвртница за активистите, кои долго време ги осудуваа работните практики во „Амазон“, вториот по големина работодавач во земјата.

Смолс излезе од пребројувањето на гласовите изгледајќи уморно, но радосно и отвори шише шампањ што му го дадоа поддржувачите.

„Направивме сè што беше потребно за да се поврземе со овие работници“, им рече тој на толпата.

„Се надевам дека сега сите обрнуваат внимание затоа што многу луѓе се сомневаа во нас“, додаде тој.

Во соопштението, „Амазон“ вели дека се разочарани од загубата во Њујорк и дека оценуваат како да продолжат. Компанијата исто така ги обвини регулаторите за несоодветно влијание врз гласањето.

„Ние веруваме дека имањето директна врска со компанијата е најдобро за нашите вработени“, велат од компанијата.

„Ги проценуваме нашите опции, вклучително и поднесување приговори врз основа на несоодветно влијание од Националниот одбор за работни односи“, велат од компанијата.

Ребека Гиван, професорка по трудови студии на Универзитетот Рутгерс, рече дека поразот на Амазон од Смолс и неговиот тим на работници е „навистина голема работа“, нарекувајќи ја „приказна за Давид и Голијат“.

Но, таа предупреди дека сега ќе се соочат со уште една тешка борба кога станува збор за преговорите за договор.

„Амазон ќе направи сè што може да го поништи овој успех, да ги растури овие работници и да се обиде да го запре моментумот што неизбежно ќе дојде од оваа победа“, рече таа.