Вработени во училиштата од Карпош ќе се грижат за безбедноста на децата во сообраќајот

Лица од ненаставен кадар вработени во основните училишта во Општина Карпош ќе им помагаат на учениците да ги преминуваат улиците. Ваквата мерка денес ја најави градоначалникот на Општината, Стефан Богоев, кој присустуваше на предавањето за сајбер безбедност во ООУ „Петар Поп Арсов“.

„Со почетокот на новата  учебна година, ние како локална самоуправа се грижиме за безбедноста на  учениците од секој аспект.“ , изјави градоначалникот.

Ова значи постојано надгледување и внимавање за безбедноста на децата од основните училишта пред часовите, за време на големиот одмор и по часовите. Назначените лица, со помош на жолтите сообрќајни елеци и СТОП знак, ќе се грижат за тоа децата безбедно да ги преминат големите и фреквентни улици и булевари.

Почнувајќи веднаш, оваа безбедносна мерка ќе се спроведува секој училишен ден во текот на целата година. Меѓу другото низ целата општина ќе бидат дополнително поставени нови лежечки полицајци.

Овие и слични мерки за сообраќајна, но и сајбер безбедност ќе бидат промовирани и имплементирани во текот на оваа година како дел од стратегијата на општината за посеризона контрола и целосната сигурност кај учениците од основните и средни уќилишта во овој регион.

На предавањето каде беше најавена оваа мерка присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој изјави дека безбедноста на децата е на прво место и истата мора да се гарантира и во реалниот, но и во виртуелниот свет.

„Нашата цел е преку една кампања да спроведеме  предавања кои ќе ја опфаќаат оваа тема , и  преку  неа  наставниците, родителите и самите ученици да бидат запознати со оваа проблематика.“, објасни тој на денешното предавање.