Вработени во српската општина Стари град поставија куќички за напуштените животни

Вработените во скрпската општина Стари град поставија куќички за напуштените животни, за тие да имаат каде да се засолнат во текот на ладните денови.

Само во Белград има 20 000 животни скитници, така што граѓани, љубители на животни, почнаа да објавуваат фотографии на социјалните мрежи со цел да ангажираат и други луѓе да се вклучат во помагањето.

Општината Стари град соопшти дека од денес пред нејзината зграда на „Македонска 42“ има куќички за кучиња, кои може да послужат како засолниште.

„Во текот на ладните бранови што ги зафати Белград и Србија, се чини дека што помалку се задржуваме надвор, забораваме на животните на кои белградските улици им се единствен дом. Поради тоа, Стари град пред својата општинска зграда постави привремено куќички и ги повикува сограѓаните да ги однесат напуштените животни до безбедно место за време на овие ладни денови“, стои во соопштението.

Откако на социјалните мрежи во Србија започна да се шири фотографија од куче премрзнато во снегот во Заечар, луѓето започнаа преку разни акции да им помагаат на уличните животни.

Покрај куќичките, од општината велат дека обезбедиле и храна. Здруженијата за правата на животните се надеваат дека ова ќе биде пример и за останатите општини.