Воздухот и претпладнево е многу загаден во поголемиот дел од Македонија

Воздухот во поголемиот дел од земјата и во недела е крајно загаден. Мерењата и претпладнево покажуваат енормни концентрации на ткн. ПМ10 честички во воздухот во цела западна и северна Македонија, со нивоа неколкукратно повисоки од максимално дозволените. Загадувањето е најкритично во Лисиче, каде ноќеска околу полноќ имало 20 пати повеќе ПМ10 честички во воздухот од граничните 50 микрограми на метар кубен.

Висока загаденост се бележи и во Центар, Карпош, Гази Баба, но и во многу други области во земјата каде што се мери: Тетово, Кичево, Велес, Миладиновци, Кавадарци. Утрово немаше податоци за загадувањето во Битола и Куманово.

Графиконот на мерењата на загадувањето на неделно ниво во Скопје покажува дека концентрацијата на канцерогените честички ПМ10 постојано расте од минатиот вторник до денеска:

Воздухот и претпладнево е многу загаден во поголемиот дел од Македонија

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски минатиот месец најавуваше строги контроли на малите фабрики, откако претходно Макстил, кој се сметаше за најголем загадувач, престана со работа за да ги инсталира потребните филтри на постројките. И покрај ова, загадувањето во Скопје не се намалува, а главниот град на Македонија во новата година влегува како едно од најзагадените места во Европа.