Воздухопловно-едукативен саем за млади и ентузијасти во Градски парк

Скопје утре (30 октомври) ќе биде домаќин на воздухопловен едукативен саем на кој сите млади заинтересирани да ја изберат авијацијата како своја професионална иднина ќе можат да се поврзат и да се дружат со воздухопловните професионалци.

Настанот ќе се случува на Школка во Градски парк, со почеток во 11:15 часот.

„Овој саем е можност различни академски институции од балканскиот регион да ги претстават своите програми пред младите поединци кои размислуваат да се запишат во такви институции за да стекнат некаква диплома имплементирана во воздухопловството“, се вели во најавата за настанот.

Организатор на настанот е здружението Авикон, чии членови се професионалци од различни области на воздухопловството. Тие ќе одговорат на прашања од посетителите.

Некои од нив ќе имаат презентации за тоа што навистина е нивната професија, каков е просечниот работен ден и како поминал нивниот пат за да станат воздухопловци.

Настанот е поддржан од Град Скопје.