Воведен курс по астрономија на Скопско астрономско друштво

Скопско астрономско друштво го организира 18-тиот по ред Воведен курс по астрономија. Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните принципи и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука.

Низ секојдневни примери, многу слики, анимации и неколку важни равенки, предавачите ќе се обидат да ги доближат астрономските термини и нивното значење. Курсот е обмислен да ги следи темите кои ги обработува кој било учебник по астрономија.

Предавањата ќе се одржуваат два пати неделно – вторник и четврток, во амфитеатарот на факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 20:00 часот.

Курсот ќе започне во четврток, 02 април, предвидени се 11 теми, од кои две ќе се одржат во Планетариумот при Младинскиот Културен Центар во Скопје. Предавањата ќе завршат на 07 мај, по што ќе следи опционен тест, а потоа и доделување на дипломи за успешните слушатели.

Цената за целокупниот курс е 1500 денари. Во цената се вклучени: скрипта со материјали од курсот, посета на Планетариумот, теренско набљудување со телескопи, завршен тест, диплома.

Повеќе информации за курсот може да се најдат на следниот линк.