Вооружен напад и експлозија на бомба на колеџ во Крим

Најмалку 18 лица загинаа, а многу повеќе се повредени на Политехничката школа во Крим, откако лице изврши напад со користење на пиштол и домашна бомба.

Неколку сведоци го опишаа вооружениот напаѓач кој шетал низ ходниците на училиштето и пукал кон ученици и наставници пред да ја активира бомбата во кафетеријата на колеџот. Станува збор за студент на колеџот, кој се самоубил на местото на нападот. Мотивот се уште не се знае.

Рускиот национален антитерористички комитет, соопшти дека експлозијата била предизвикана од „неидентификуван експлозивен уред”. Испитувањето на телата пронајдени на колеџот покажале дека се убиени од истрели.

Нападот се случи во градот Керч, кој е влезна точка за нов 19 километарски мост кој го поврзува Крим со Русија. Локацијата ќе добие зголемени контроли од руските власти, кои веќе се загрижени за терористички напади. Крим беше припоен кон Русија од Украина во 2014 година.

„Тоа беше вистински терористички напад, како во Беслан”, рече директорот на училиштето, Олга Гребеникова, мислејќи на терористичкиот напад во 2004 година, кога загинаа повеќе од 330 лица.

Комитетот прво го прогласи нападот како терористички, но подоцна го преквалификува како „масовно убиство”, оддалечувајќи се од било каков политички мотив за нападот.

Руските медиуми прво ја објавија експлозијата како резултат на експлозија на гас.