Вонредни протести на исклучените од парно – утре во Ново Лисиче

Граѓаните кои се доброволно исклучени од топлификационата мрежа во Скопје, но и покрај тоа мора да плаќаат месечен надомест за парно што не го користат, најавуваат низа вонредни протести ова лето.

Утре во 18 часот тие ќе го одржат својот прв вонреден протест во Ново Лисиче, кај фонтаната посветена на Тоше Проевски.

Според најавите, вакви вонредни протести во текот на летото ќе се одржуваат секој вторник во 18 часот, но на различни локации. Вториот ваков протест ќе се одржи во населбата Капиштец.

„На ваквите вонредни протести ќе бидат изнесени факти и докази за криминалот со парното. Се очекува, по протестот, демонстрантите да ги повикаат сторителите на кривични дела да се предадат на органите за кривично гонење“, соопштија организаторите на протестот.

Ова не е прв протест на исклучените од парно, изминативе неколку месеци тие редовно се собираа на протестни собири во центарот на Скопје. Нивните барања се да престанат судењата и извршувањата на пресудите кои се вршат против исклучените од Топлификација врз основ на подзаконските акти донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика, како и да запре „измамата и грабежот со парното“.