Волонтерска акција за купување намирници за пензионери

МАПАС, пензиските друштва и волонтери започнаа со волонтерска акција, во која од 15 октомври до 15 ноември ќе им се помага на пензионерите преку набавка на секојдневните животни намирници, потребни за нормално живеење.

Волонтерската акција се одвива под мотото „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“ и ќе се реализира на територијата на градот Скопје. Сите пензионери што сакаат да бидат дел од акцијата и да добијат помош, можат да се пријават на телефонскиот број 0800 11 800.

Целта на оваа акција е да им се помогне на пензионерите како една од најранливите категории во време на ограничено движење заради заштита од ширење на Ковид-19 вирусот, во обезбедување на секојдневните намирници. Обезбедувањето на намирниците за пријавените пензионери во рамките на акцијата ќе се одвива еднаш неделно, во општините во Скопје.

За да се обезбеди што пошироко покривање на што поголем број на пензионери, беше организиран и јавен повик за пријавување на волонтери, кои ќе бидат дел од оваа акција.

Досега се пријавиле 80 волонтери кои заедно со волонтерите од МАПАС и пензиските друштва ќе ги набавуваат намирниците за пензионерите од Скопје.

Волонтерската акција „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“ е дел од информативната кампања „Времето до пензија поминува побрзо отколку што мислиш”, која започна на 15 септември – Денот на пензиска свесност, чија цел е зголемувањето на свесноста кај младите за тоа дека вистинските одлуки за нивната пензија треба да ги донесуваат уште сега, односно со нивното прво вработување, а не пред пензионирање.