Волонтерите од Црвениот Крст се вклучуваат во „Часот на планетата Земја“

Волонтерите од Црвениот Крст се вклучуваат во „Часот на планетата Земја“Втора година по ред и Црвениот Крст на Република Македонија се вклучува во најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, кога на 29 март во 20.30 часот по локално време, ќе биде исклучено осветлувањето на многу познати споменици и објекти ширум светот.

Преку своите 34 општински организации, Црвениот Крст на град Скопје во акцијата ќе ја обедини моќта на своите млади волонтери со што ќе се покаже волонтерскиот карактер на оваа светска акција за спас на планетата Земја.

„Во наведениот час во соработка со локалните самоуправи, организации и институции ќе се иницира исклучување на осветлувањето, а волонтерите на клубот на млади ќе стојат со запалени свеќи. Преку социјалните мрежи и за време на активностите на клубовите на млади на Црвениот крст дополнително ќе се промовира иницијативата за заштита на животната средина и одбележување на Часот на планета Земја“, вели Али Самет, претставник од Црвениот Крст на Република Македонија.

Македонија е единствена од 154-те земји учеснички во акцијата која соработува со Црвениот Крст. Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.