Волонтери од „Кане Корзо“ од Шилегов бараат набавка на храна и ампули за кучињата во „Вардариште“

Активисти од граѓанската иницијатива „Кане Корзо“, кои волонтерски работат во стационарот „Вардариште“, од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бараат помош, набавка на храна на неделна основа и набавување на ампули и прашоци за отстранување на паразитите на кучињата, додека не се реновира стационарот или изгради нов.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Почитуван градоначалнику,

Ви се обраќаме во неколку наврати во врска со непреземањето на никаква акција ниту пак иницијатива за Стационарот Вардариште. Како што можеби веќе сте информирани, ние започнавме веќе една пракса која веруваме ќе следи и во иднина. Имено, секоја сабота со претходна согласност од Комунална Хигиена, ние како волонтери одиме да ги нахраниме кучињата кои се практично скелети во движење, истите да ги истретираме од болви и крлежи со цел да превенираме што е можно повеќе, појава на разни болести чии причинители се крлежите и болвите. Ова го правиме одвојувајќи од сопствени средства или пак средства на хуманите граѓани. Но ова не е наша обврска, ова е наша добра волја само и само за да им помогнеме на тие кутри животинки кои завршиле во тој хорор, секако не по своја вина, да ете некако го пребродат престојот таму, доколку нели успеат да се извлечат од кучешкиот Аушвиц!

Исто така волонтерски ја работиме работата на стационатор насочена кон изразување напори за вдомување на веќе заловените кучиња. Имено истите ги вадиме од рѓосаните кафези, се трудиме со професионални фотографи да направиме фотографии кои ја покажуваат убавината на кучето.

Апелираме да ни помогнете, бар да ни олесните во врска со набавувањето на храна на неделна основа и набавувањето на ампули и прашоци за отстранување на паразитите на кучињата, додека да се донесе одлука и конечно започне реновирањето на стационарот или целосна изградба на нов стационар со основни услови за вршење на моменталната дејност.

Замолуваме бар малку да покажете добра волја и да се обидете да го чуете гласот на оние кои не можат за себе да зборуваат!

Ќе дочекаме ли некогаш одговор за барањата поврзани со животните? Ќе дочекаме ли некогаш да ги ставите барем на дното од листата со приоритети? Бар да се на листа која некогаш ќе се рализира! Додека сите молчат, тие умираат…