Волонтери од Црвен крст им помагаат на граѓани полесно да се снајдат низ универзитетските клиники

Пред десет дена, волонтери од Црвениот крст започнаа да им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Тие ги упатуваат до потребната клиника, до локацијата каде треба да направат преглед, снимање или анализа.

Според Министерството за здравство, од волонтерите побарале помош вкупно 3.168 лица на седум клиники, каде се поставени пунктови.

„Како волонтери нашиот ангажман е од хуман аспект и преку овој проект им помагаме на пациентите полесно да ги најдат одделите и докторите. Пациенти ни приоѓаат и нѐ поздравуваат, велејќи дека оваа мерка e неопходна. Ќе продолжиме да се вклучуваме во секој проект кој значи олеснување во работата, бидејќи е корисно за сите“, велат Андриана и Сања, волонтери на Црвениот крст, кои им помагаат на пациентите полесно да се снајдат во клиничкиот кампус.

Волонтерите може да се најдат на седум локации низ комплексот, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.