Војската се вклучува во контрола на македонските граници, поддршка на полицијата и обезбедување на клучните институции

По вчерашната одлука за прогласување полициски час и со оглед на прогласената вонредна состојба поради епидемијата на коронавирусот, Армијата на Северна Македонија ќе преземе контрола на државните граници, ќе ја поддржува полицијата во спроведување на владините мерки, а ќе врши и физичко обезбедување на најважните државни објекти, соопшти Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска по владината уредба со која на војската им се дава овластување за поддршка на државните органи и полицијата.

„Од вчера и официјално нашата армија многу директно ќе се вклучи во поддршка на сите државни институции во справувањето со последиците од коронавирусот и епидемијата. Ќе бидеме на првата линија на одбраната на здравјето на граѓаните и армиските припадници ќе бидат присутни секаде каде што треба“, рече Шеќеринска.

Согласно владината уредба формиран е оперативен штаб меѓу полицијата и армијата. А со новата одлука, главниот фокус на војската ќе биде ставен на три задачи: Преземање на контролата на границата за заштита од нелегални преминувања; заедничко учество во мобилни екипи со полицијата за проверка на влез и излез од населени места, почитувањето на полицискиот час и самоизолацијата; како и физичко обезбедување на витални објекти кои досега беа под обезбедување на полицијата – Собранието, Владата и други важни локации како затворите низ државата.

„Армијата ќе функционира исклучиво во комбинирани тимови со полицијата, бидејќи токму полицијата е обучена да се справува со ваков тип на цивилни закани, но ќе даде силна поддршка со луѓе и опрема за полицијата да може да ги спроведе овие засилени задачи“, додаде Министерката.

Министерката Шеќеринска информираше и дека маневарската полска болница „РОЛ-2“ која ја има армијата ќе биде ставена во функција на македонското јавно здравје и ќе биде лоцирана во близина на Инфективната болница.