Војаџер 1 враќа неразбирливи кецови и нули од вселената, НАСА се обидува да го поправи на оддалеченост од 24 милијарди километри

Најдалечното вселенско летало во вселената, сондата Војаџер 1 на НАСА, доживеала компјутерска грешка и до тимот кој го следи нејзиното движење од Земјата цело време испраќа повторувачки и бесмислени пораки од кецови и нули.

Инженерите се обидуваат да го решат овој проблем додека леталото ја истражува недопрената космичка територија на крајната граница на Соларниот Систем. Сепак проблем претставува тоа што Војаџер 1 се наоѓа на 24 милијарди километри оддалеченост и за да стигне информација од Земјата до сондата потребни се околу 22,5 часови.

Ова практично значи дека ќе бидат потребни неколку дена за експертите да знаат дали нивните обиди да се поправат речиси 50-годишните компјутери на вселенското летало ќе бидат успешни или не.

Ова не е првпат Војаџер 1 да испрати некакви нелогични податоци кон Земјата. Во 2022 година, леталото праќало дел од податоците низ расипан компјутер со што се измениле пораките кои ги примил тимот во НАСА. Тогаш инженерите го откриле проблемот и го поправиле, но за тоа им биле потребни неколку месеци.

Сега тимот кој работи на мисијата проверува документи стари неколку децении за тоа како функционираат компјутерските системи на Војаџер 1, што е целосно застарена технологија, која речиси никаде веќе нема практична примена.

Мисијата никогаш не била замислена да трае олку долго. Војаџер 1 и Војаџер 2 вселенските летала биле испратени речиси истовремено во 1977 година и нивната главна цел била да ги истражат Јупитер и Сатурн. Тие сега патуваат се` подалеку од нас низ меѓуѕвездените простори.

Една од најинтересните нешта за овие две мисии е што тие носат златни аудио-визуелни плочи, во случај леталата да се соочат со интелигентен живот од други планетарни системи. Овие плочи содржат фотографии од Земјата и од животните форми, разни научни информации, звучни поздрави на 55 јазици, „звуци од Земјата“ како плачење на бебе, звукови од бранови кои удираат на брег, како и колекција на музика меѓу кои и дела од Моцарт, Бетовен и Бах.

Овие сонди се незаменливи, бидејќи доколку се испрати ново летало на нивно место ќе бидат потребни децении за да стигне до нивната положба во вселената. Доколку грешката на Војаџер 1 може да се поправи, научниците се надеваат дека мисијата може да продолжи до 50-годишнината.

Сепак деновите на Војаџер 1 се избројани. После Ортовиот Облак, на крајните рабови на Кајперовиот Појас, двете летала ќе престанат да емитираат податоци бидејќи нивните енергетски генератори ќе престанат да работат.

Некои луѓе сугерираа да се испрати последна порака до Војаџер 1, пред неговите комуникациски системи да се изгаснат засекогаш. Овие „последни зборови“ би можеле да постојат со милениуми доколку бидат енкодирани во меморијата на компјутерите кои се наоѓаат во сондата.