„Водовод“: Скопјани месецов можат да ги отплатат долговите без камата

Граѓаните на Скопје, физички и правни лица, кои имаат заостанат долг во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ можат да аплицираат за договори за отплата без пресметка на каматата за задоцнетото плаќање, заклучно до 31 јули.

„Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање“, велат од Претпријатието.

Оттаму додаваат дека одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт, ниту за другите државни органи основани согласно Уставот и законот, како и за институциите кои вршат дејности од јавен интерес.

Оваа акција започна на 20 јуни и ќе важи до 31 јули.