Водно-Матка планински маратон на 25 март, во тек е пријавување

Оваа пролет, на крајот од март, планината Водно и кањонот Матка ќе бидат домаќини на настанот во планинско (треил) трчање – Водно-Матка треил маратон.

Настанот е закажан за 25 март кога ќе се одржи и првото издание на трките во организација на здружението ТРЕКС и ПСД Макпетрол.

Во минатото, пред околу 10-тина години, патеката – Полиција – Врв – Матка (Св. Андреја) во должина од 18 км беше дел од тогашното државно првенство во планинско трчање, настан кој се одржа неколку години за ред. Идејата за возобновување на трката и нејзино надополнување во уште поголем предизвик, тимот на ТРЕКС веќе подолго време ја разгледуваше, за оваа 2018 година да се реши да ја потегне организацијата.

„Секоја планина си има своја долина, секоја река има свое езеро, нашето Водно ја има својата Матка. Нераскинлива природна архитектура и врска која е на само 10-тина минути од центарот на бучавата, можност за целодневно лесно пешачење или можеби уште поинтересно, трчање низ најатрактивните делови на планината Водно и кањонот Матка“, велат организаторите.

Планирани се две трки од 23 и 40 километри – маратон и полу маратон, кои имаат соодветна висинска разлика од 1400 и 2800 метри. Стартот е предвиден од месноста „Полиција” во населбата Водно, а финишот на врвот Крстовар – пл. дом Даре Џамбаз.

Временскиот лимит за минување на полу маратонот ќе биде 7 часа, а за маратонот 10 со тоа што на 26-тиот километар ќе биде предвиден дополнителен временски лимит.

Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните делови и погледи на пределот како и бројните културно-историски локалитети во околината – вкупно 7 цркви и манастири, покрај реката Треска и езерото Матка, селото Горно Нерези итн.

Повеќе информации за маратонот може да пронајдете на веб-сајтот vodnomatka.mk , а пријавувањето е веќе отворено.