[Во живо] Полицијата употреби солзавец на протестот на „Жолтите елеци“ во Париз

Полицијата во Париз употреби солзавец врз демонстрантите, откако изби насилство меѓу дел од граѓаните и полицијата на денешниот протест на „Жолтите елеци“, кои се одржуваат веќе четврти викенд.

Околу 5 илјади демонстранти се собраа во центарот на Париз, додека најмалку 211 лица се уапсени. Главниот град на Франција утрово беше со огромно полициско присуство. Околу 8 илјади полициски службеници и 12 оклопни возила биле поставени во Париз, додека низ земјата имало распоредено околу 90 илјади припадници на полицијата.

Протестите во живо ги пренесува Еуроњуз:

Демонстрантите кои маршираа по главната улица Шанз-Елизе беа спречени да стигнат до строгиот центар од полициски кордон. По неколку конфронтации меѓу граѓаните и безбедносните сили, полицијата исфрлила солзавец во една од споредните улици, пренесува Би-Би-Си.

Новинарката на Ле Монд, Алин Леклерк, преку Твитер информираше дека полицијата утрово вршела претреси на ранците на граѓани и запленувала предмети како шлемови и очила. Таа додала и дека на денешниот протест најголемиот број од присутните биле мажи на возраст од 20 до 40 години, додека жените и повозрасните најверојатно се откажале поради најавите за насилство.

Новинарот на Би-Би-Си, Хју Скофилд, јавува дека демонстрантите се жалеле дека полицијата им ги запленувала и нивните маски за заштита од солзавец.

Движењето „Жолти елеци“ кое почна да протестира пред три недели ги отфрли првите отстапки на владата, меѓу кои, и намалување на даноците за бензините.

Тие соопштија вкупно 41 барање, со кои бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиките на штедење, како и ренационализација на јавните служби. Но, платформата опфаќа и општествени прашања, како демократијата и миграцијата.

Протестите на „Жолтите елеци“ ги предизвикаа најголемите нереди во Франција последниве децении. Бројни симболи на градот останаа оштетени од протестите.