Во живо на Интернет состојбата на патарините и граничните премини

Онлајн состојбата на патарините и граничните премини ќе може да се следи во живо преку новиот веб сајт на Јавното претпријатие за државни патишта кој беше промовиран денеска. На него покрај останатото можат да се најдат информации за состојбата на патиштата низ државата, со пренос во живо на сообраќајот на сите патарини и на најфреквентните гранични премини.

Онлајн состојбата на патарините и граничните премини

На www.roads.org.mk може да се следи определена патна делница и да се види каков е протокот на возила, што според надлежните, треба да им го олесни планирањето и да им помогне на луѓето кои ќе тргнуваат на пат. На страницата, на македонски, англиски и албански јазик, се нуди преглед на патиштата со соодветни знаци зависно од состојбата, а се означени и евентуалните застои и прекини на сообраќајот поради градежни активности или од други причини.

Веб страницата овозможува преглед преку видео камери поставени на сите патарини и на граничните премини. Така сите граѓани онлајн можат да видат што се случува во моментот на одредена патарина, но и на македонската страна на повеќето гранични премини.