Во Загреб отворена првата продавница со нула отпадок

На Свачиќевиот плошад во Загреб изминатиов викенд беше отворена „Шпецерај“, продавничка чија главна цел е да ја заштитува околината. Идејата зад новоотворениот дуќан, е што овде ништо не се фрла.

Производите воглавно се продаваат на парче, односно без амбалажа, а купувачите се повикуваат сами да си носат садови во кои можат да ги стават производите.

Една од основачките, Снежана Зрниќ, вели дека ја добиле идејата пред две години.

„Инспирирани сме од отворањето на zero waste продавниците низ Европа и сметаме дека продавница од ваков вид му беше потребна и на Загреб. Нашата мисија е да го намалиме загадувањето на околината. На купувачите им даваме можност да си донесат сопствени садови во кои ќе ги спакуваме производите“, објаснува таа.

Кај нив можат да се купат стаклени тегли или робата да се спакува во рециклирани хартиени кеси. За луѓето кои си носат сопствена амбалажа, продавницата нуди попусти.

Името „Шпецерај“, во Загреб е сленговски назив за пазарување намирници за домаќинството. Со тоа, сопствениците сакаат да алудираат на маалска продавница, како што имало некогаш.

Во продавницата можат да се најдат секакви јаткасти плодови, сушено овошје, житарки, тестенини, брашно, зејтин, оцет, зачини и граноли. Има и млечни производи, јајца, колачи, пекарски производи, мед, доматен сос, природна козметика, безглутенски производи, овошје и зеленчук.

Она што ги прави поразлични од другите, е што се многу помал дуќан од супермаркетите, но храна никогаш не се фрла бидејќи сите купуваат колку што им треба кога нема пакување.

„Пофлексибилни сме и секогаш ги исполнуваме желбите на нашите потрошувачи. Сè е на дофат на рака“, вели Зрниќ.