Во Владата најмногу трошел премиерот Заев, а најмалку министерот Сугарески

Владата на Република Северна Македонија потрошила нешто над 18 милиони денари во периодот од јуни до ноември 2018 година, што е за околу 3 милиони денари помалку од истиот период во 2017 година, покажуваат новите податоци од шестмесечниот извештај за трошоците на функционерите споделени преку Алатката за отчетност на владиниот веб-сајт.

Ако се гледаат институциите, најмногу трошоци направила Владата (5,8 милиони денари), а најмалку Министерството за транспорт и врски (23.000 денари). Меѓу петте институции кои потрошиле најмногу пари се и Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за одбрана и Министерството за здравство.

Кога ќе се направи споредба меѓу периодот јуни-ноември 2018, со истиот период во 2017 година, може да се забележи дека најголемо намалување на трошоците има направено Министерството за култура, како и министерствата за економија, за правда и за земјоделство, шумарство и водостопанство. Но, затоа пак, трошоците ги зголемиле министерствата за надворешни и внатрешни работи, за одбрана, информатичко општество и администрација и образование и наука.

Најголемиот дел од трошоците на функционерите биле за авионски карти (4,8 милиони денари) и за угостителски услуги во рамки на институциите (4,3 милиони денари) и угостителски услуги во земјата, надвор од институциите (2,2 милиони денари). За хотелско сместување во странство се потрошиле вкупно 2,54 милиони денари.

Од највисоките функционери најголем трошок направил Зоран Заев (2,66 милиони денари), по што следува министерот Никола Димитров (1,34 милиони денари) и вицепремиерите Бујар Османи (1,14 милиони денари) и Кочо Анѓушев (810 илјади денари). Најмалку потрошиле министрите Горан Сугарески (19 илјади денари) и Роберт Поповски (27 илјади денари).

Од Владата, во нивното соопштение, ги посочуваат заштедите направени во споредба со 2015 година и трошоците на тогашните владини функционери. Намалување од 41,4 милиони на 18 милиони денари.

„Овие сериозно намалени трошоци се резултат на скратените непродуктивни плаќања, и тоа во период на интензивни посети на странски делегации на државата кога секој ден, а во некои наврати и повеќе пати на ден, високи владини делегации ја посетуваа земјата како гости на владата на РСМ“, велат од Владата.

Софтверското решение на алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство, трошоци за репрезентација и друго, и ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни граѓаните. Алатката може да ја најдете на следниов ЛИНК.