Во Венецуела се враќаат искоренетите болести зошто Владата одбива странска хуманитарна помош

Пациентите за трансплантација во Венецуела се префрлаат на лекови за животни, а во земјата се враќаат ретки болести од минатото во пропорции на епидемија, додека владата одбива да прифати странска помош за да го спречи колапсот на здравствениот систем, предупредуваат докторите во земјата, пренесува Еуроњуз.

Според анкета од 2017 година, на Здружението за медицина и здравје, 78% од јавните болници во Венецуела имаат недостаток на лекарства, додека три четвртини од установите немаат потребни средства за хирушки интервенции.

„Се се враќа назад. Веќе еднаш го имаме доживеано ова, се нарекуваше камено време и луѓето умираа на возраст од 20 години. Приватните клиники се единствени кои успеваат да работат, но и покрај тоа и тие имаат недостатоци, тоа е национална состојба. Аптеките се празни, ги полнат полиците со шишиња со вода“, изјавил доктор од Венецуела кој барал Еуроњуз да му го заштити идентитетот.

„Кризата има различни облици. Еден од нив е повторно појавување на болести кои сме ги искорениле пред повеќе децении, како маларија и дифтерија. Вчера видов момче на кому му беше дијагностицирана дифтерија и почина во Детската болница во Каракас. Ова е епидемија која е активна и мора да биде контролирана со вакцини. Исто и со маларијата“, вели докторот Хулио Кастро, специјалист за заразни заболувања.

„Тоа е знак на целосно рушење на здравствениот систем. Во 2017 имавме 400 илјади случаи на маларија, во 2016 200 илјади, додека во 80-тите години само околу 1.200 случаи“, додал докторот.

Коалицијата на организации за право на здравје и живот (CODEVIDA) преку соопштение минатиот месец ја обвиниле венецуелската влада дека е одговорна за „смрт и големи здравствени оштетувања на најранливите категории лица, кои се случуваат секојдневно, доколку не побара помош и соработка со меѓународните организации кои чекаат дозвола“.

Директорот на CODEVIDA, Франсиско Валесија, за Еуроњуз изјавил дека ситуацијата со која се соочени пациентите на трансплантација е критична и дека 16 илјади пациенти кои имаат проблеми со бубрезите се соочуваат со ризик доколку нешто не биде преземено овој месец.

„Од 2017 година исчезнаа деветте лекови кои се користат кај пациентите кои имаат трансплантирано орган. Ситуацијата доведе до тоа телото на 30 пациенти да го одбие трансплантираниот бубрег, а 5 лица починале. Ова не се случувало никогаш претходно“, објаснил Валенсија.

„Некои луѓе земаат лекови со поминат рок, други ги примаат нередовно, некои пациенти по трансплантацијата одат во засолништа за животни и ветеринарни абмуланти за да добијат некакви лекарства“, додава тој.

Владата на Венецуела одбива да прифати дека земјата се соочува со хуманитарна криза.

Министерот за здравство на земјата, на крајот на минатата година, изјавил дека нема да дозволи влез во земјата на хуманитарна помош.

„Никој овде нема да клечи пред „империјата“ и нема да дозволиме „десничарите“ да внесат наводна хуманитарна помош кога за нашите граѓани се грижи Претседателот Николас Мадуро“, изјавил министерот за државната телевизија.