Во училиштата ќе бидат вработени 294 психолози и педагози

Во училиштата ќе бидат вработени 294 психолози и педагозиВо наредните две и пол години во основните и средните училишта во Македонија ќе се вработат нови 294 психолози и педагози.

Според одлуката на Владата, во првата фаза до крајот на 2013 ќе се вработат 70 психолози и педагози, до крајот на 2014 година 150 и до крајот на 2015 година уште 119.

Потребните средства за реализација на вработувањата изнeсуваат 104 милиони денари и ќе бидат предвидени во буџетот на МОН во следниве три години.

„Изборот на кандидадтите ќе биде транспарентен, односно ќе се врши по пат на јавни конкурси за вработување, коишто исто така етапно ќе бидат објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман“, рече на прес конференција, министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Потребата од дополнителни вработувања на психолози и педагози, како стручен кадар кој треба да придонесе за зајакнување на воспитната компонента во училиштата, односно за унапредување на квалитетот на воспитнообразовниот процес во образованието, произлегла од анализата на стручниот и кадровски потенцијал со кои располагаат средните и основните училишта која МОН ја направило во изминатиот период.